Дисеминација

Во поширока смисла на зборот дисеминација е ширење на знаењата за Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, улогата и мандатот на Меѓународниот комитет на Црвен крст, Меѓународна федерација на национални друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина и активности на национални друштва, основните принципи на Движењето, Меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности.
Основни принципи

  • ХУМАНОСТ
  • НЕПРИСТРАСНОСТ
  • НЕУТРАЛНОСТ
  • НЕЗАВИСНОСТ
  • ДОБРОВОЛНА СЛУЖБА
  • ЕДИНСТВО
  • УНИВЕРЗАЛНОСТ

Дисеминацијата е една од приоритетните цели на Црвениот крст на РМ согласно Развојниот план на Организацијата за периодот 2006-2010, како законска и статутарна обврска.
Дисеминацијата ја вршат едуцирани кадри (волонтери и професионално вработени) чие оспособување започна од 1995 година од Меѓународен комитет на Црвен крст (МКЦК), а продолжи во 2002 и 2004 година преку семинари организирани од страна на ЦКРМ.
Во профилот на дисеминаторите опфатени се лица со мешана образовна,возрасна, полова и етничка структура.
Како целни групи на слушатели се главно ученици од основното и средно образование, студенти, претставници на месна и локална самоуправа, невладини организации и здруженија на граѓани, како и членови на раководна структура во ООЦК.
Теми кои се обработуваат на презентациите се: историјат на Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумсечина, основните принципи, амблемот на Црвениот крст, мандатот и активностите на компонентите на Движењето, активности на Црвен крст на РМ, Меѓународно хуманитарно право со Женевски конвенции од 1949 година и Дополнителни протоколи од 1977 година. Во зависност од целната група на слушатели се презентираат и соодветни теми.За презентација се користат печатени и видео материјали, прирачници, флип чартови и нагледни средства.

Специфични цели

  • Градење капацитет на волонтерска мрежа
  • Јакнење на програмата за дисеминација/комуникација
  • Обука на вработени во Организацијата на Црвениот крст
  • Дисеминациски сесии од едуцирани дисеминатори
  • Печатење и промоција на материјали

Активности
Дисеминациски сесии – Дисеминаторите од општинските организации на Црвен крст и Градската организација на Црвен крст Скопје месечно вршат дисеминациски сесии во општините со одредување на целни групи на слушатели и во зависност од тоа одржуваат презентации од програмските содржини на дисеминацијата.
Работилници со дисеминатори – Заради континуитет на информирањето, извештај и договор за натамошни чекори, за подобро запознавање на дисеминаторите од областа на МХП, посебно се обработуваат одредби од Женевските конвенции од 1949 година и Дополнителните протоколи од 1977 година и воопшто МХП.
Едукација на кадри – Преку семинари на Црвениот крст се врши оспособување на волонтери за реализирање на активности за дисеминација.

Проектни активности
ПРОМОЦИЈА НА ХУМАНИ АКТИВНОСТИ – проект
Проектот “Црвен крст во акција – Промоција на Хумани Вредности” ЦКА-ПХВ е инициран во 1996 година од страна на Црвениот крст на Република Македонија (ЦКРМ) и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), со поддршка на Норвешкиот Црвен крст.
Главната цел на ЦКА-ПХВ е вклучување на младите со различна етничка припадност во заеднички проекти за изградба на взаемното разбирање, толеранцијата и културата на дијалог.
Мисијата на програмата ЦКА-ПХВ е промовирање на културата на дијалог, како основен предуслов за градење на интеркултурно општество и промовирање на активно знаење и активен однос кон животот, преку принципите и вредностите на Црвениот крст.
Истражување на хуманитарното право – програма
ИХП – програма со сопствена структура и потенцијал, подржана од МКЦК, ЦКРМ и други национални друштва, која преку владина поддршка е интегрирана во образованието.
Програмата за Истражување на хуманитарното право (ИХП) започна да се реализира со поддршка од Меѓународниот комитет на Црвениот крст и во образовниот процес истата се имплементира и на меѓународна и на регионална основа. Во Република Македонија оваа програма се спроведува во основно образование, додека Бирото за развој на образованието, при Министерството за образование и наука, ја следи нејзината примена во наставната програма. Програмската рамка во РМ е прилагодена за учениците од основно образование, со кратка верзија од 9 наставни часа која е дел од наставната програма за предметот Граѓанска култура во осмо одделение. Наставната програма ја реализираат наставници кои беа обучени од тимови од тренери и инструктори. Со обука беа опфатени сите наставници од државата кои го предаваат предметот Граѓанска култура во седмо и осмо одделение во осумгодишното основно образование, односно осмо и деветто одделение во деветгодишното основно образование. Програмата за ИХП во РМ спроведена преку Бирото за развој на образованието на РМ, претставува една од најдобро имплементираните програми во регионот.


Национален комитет за меѓународно хуманитарно право
На предлог на Министерството за надворешни работи, Владата на Република Македонија во месец јуни 2006 година донесе Заклучок според кој, Владата на РМ во соработка со Црвениот крст на РМ формира Национален комитет за меѓународно хуманитарно право со седиште во просториите на Црвениот крст. Со тоа иницијативата на Црвениот крст на Република Македонија за формирање на меѓуресорско тело за дисеминација и имплементација на Меѓународното хуманитарно право (МХП) во Република Македонија е прифатена и завршно усвоена во месец јуни 2006 година со Заклучок на Владата на Република Македонија.Во состав на Националниот комитет членуваат претставници од: Министерство за надворешни работи, Министерство за одбрана, Министерство за правда, Министерство за образование и наука, Министерство за култура, Министерство за здравство, Генералниот секретаријат на Владата на РМ, како и Црвениот крст на Република Македонија.
За потребата од проширување на составот на Националниот комитет, Министерството за надворешни работи поднесе информација до Владата на Република Македонија. Во 2008 година Владата на РМ со Одлука (Сл.Весник бр.58/2008 година) го прошири составот на ова тело со претставници на министерствата за финансии, труд и социјална политика и внатрешни работи.
Седиштето на Националниот комитет е во Црвениот крст на РМ и истиот работи по сопствен деловник, според кој претседавачот е од редовите на министерствата, заменик претседавачот и секретарот од Црвениот крст на РМ.
Националниот комитет разгледува прашања од неговиот делокруг што се однесуваат на:

  • хармонизација на националното законодавство со меѓународното хуманитарно право;
  • ефективна имплементација на МХП преку преземање и следење на практични мерки и активности;
  • следење на развојот на МХП и негова дисеминација во различни сегменти на општествениот живот;
  • унапредување на соработката и координација меѓу надлежните институции вклучително и соработката со Црвениот крст на РМ, во насока на идентификување на активностите кои произлегуваат од областа на МХП и законските обврски.

Националниот комитет донесе национална програма за имплементирање на меѓународното хуманитарно право, за чија реализација се вклучени и претставници од други министерства и институции, како носители по одделни програми.