Државен Натпревар по Прва Помош 2017

На 16.09.2017 година oпштинска организација Црвен крст Гази Баба во соработка со Црвениот крст на Република Македонија го организираше 26. Државен натпревар по прва помош со мотото “Несреќите во домовите”.

Натпреварот се одржа на територијата на Општина Гази Баба на повеќе локации во населба Автокоманда, на 8 пункта, од кои 5 работни, 2 забавни и 1 пункт за дисеминација. Учество земаа 22 екипи на Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација: Куманово, Битола , Гази Баба, Пробиштип, Чаир, Кочани, Кичево, Гостивар, Велес, Охрид, Кисела Вода, Крушево, Струга, Неготино, Карпош, Радовиш, Валандово, Виница, Прилеп, Крива Паланка, Берово, Центар.

На свеченото отворање, свое обраќање имаа претседателот на Црвен крст на Република Македонија д-р Ромел Велев и градоначалникот на општина Гази Баба г-дин Тони Трајковски кој воедно и го прогласи 26. Државен натпревар по прва помош за отворен.

Црвен крст на Република Македонија – општинска организација Гази Баба изразува огромна благодарност за соработката на "Сојуз на извидници на Македонија" и "СЗТК Народна Техника  Скопје" кои одржаа забавно-едукативни сесии за учесниците на натпреварот.
Благодарност за соработката би сакале да изразиме и до "Живот со предизвици",Кризен Центар - "Надеж" , СОС Детско село Македонија и МладиИнфо кои со свои штандови земаа учество на натпреварот со цел информирање на јавноста за нивната работа.
Воедно во текот на целиот ден, на плоштадот Филип 2ри во Автокоманда беа изложени фотографии од досегашни активности и проекти во кои учествувале волонтерите од општинската организација на Црвен Крст Гази Баба како и првото службено возило на општинската организација, по повод 40г. јубилеј од формирање на општинска организација Црвен крст Гази Баба.

Првото место на натпреварот и припадна на екипата по прва помош на Црвен крст на Република Македонија – општинска организација Кисела Вода, второто место го освои екипата по прва помош на Црвен крст на Република Македонија – општинска организација Чаир, третото место го освои екипата по прва помош на Црвен крст на Република Македонија – општинска организација Кочани. Во областа на дисиминација како најуспешна се покажа екипата на Црвен крст на Република Македонија – општинска организација Куманово која покажа најдобро познавање за движењето, визијата и мисијата на Црвениот крст.

На свеченото затворање на Државниот натпревар по прва помош, најпрво се обрати претседателот на Организациониот одбор на Државниот натпревар по прва помош Др. Бурак Шабани која го соопшти редоследот на пласман на екипите по прва помош, а потоа претседателот на Општинската организација на Гази Баба д-р Петар Христов ги додели пехарите и медалите за најуспешните три екипи. Генералниот секретар на Црвен крст на Република Македонија д-р Саит Саити додели плакети за успешна соработка со корпоративниот сектор.

Целта на едукацијата на млади и организирањето на Државниот натпревар по Прва помош е да придонесеме во спасувањето на човечки животи и зајакнување на заедницата – подигнувајќи ја свеста кај младите за значењето на првата помош.
Со цел да се намалат последиците од повреди и да се зачува човечкиот живот Црвениот крст се залага за обучување на што поголем број на лица за укажување на Прва помош преку организирање на обуки за возачи, обуки во работни организации, обуки за различни целни групи и граѓани, кампањи за подигнување на свеста и организирање на натпревари по прва помош.

За успешната реализација на натпреварот, изразуваме огромна благодарност до волонтерите од општинската оганизација на Црвен крст Гази Баба кои активно беа вклучени во целиот процес на организација, за нивниот труд и посветено време.

Фотографија: Казанковски Бојан