Историјат на ЦКРМ

Црвениот крст на Македонија е формиран на 17 март 1945 година; Црвениот крст на Република Македонија е признат како национално друштво на Црвен крст од Меѓународниот комитет на Црвениот крст на 01.11.1995 а на 27 ноември 1995 година станува полноправен член на Меѓународната федерација на националните друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина, како 169 членка на Меѓународното движење. Како битни услови за признавање на националното друштво Црвен крст на Република Македонија се:

  1. Прифаќање на Женевските конвенции од 12 август 1949 и Дополнителни протоколи од 1977 Владата на Република Македонија на 25 август 1993 година ги ратификува наведените документи;
  2. Собранието на Република Македонија на 26 јули 1994 година го донесе Законот за Црвениот крст на Република Македонија.

Црвениот крст на Република Македонија е единствена организација на територијата на Република Македонија, која ја сочинуваат организациите на Црвениот крст на општините и градот Скопје. Црвениот крст на РМ не претставува здружение на граѓани, но е доброволна, масовна, самостојна, невладина, непартиска и независна хуманитарна организација на граѓаните на Република Македонија. Положбата и задачите на Црвениот крст, употребата и заштитата на амблемот и името на Црвениот крст, како и начинот на финансирање на задачите на Црвениот крст се уредени во посебен закон Закон за Црвениот крст на Република Македонија (Сл. Весник бр.41/94). Со Статутот на Црвениот крст на РМ поблиску се уредени поставеноста и структурата на Организацијата како и основните цели и задачи и истиот е во согласност со Статутот на Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина.

”ЦРВЕНИОТ КРСТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е ХУМАНИТАРНА, ВОЛОНТЕРСКА ОРГАНИЗАЦИЈА КОЈА ДЕЛУВА СОГЛАСНО ОСНОВНИТЕ ПРИНЦИПИ НА МЕЃУНАРОДНОТО ДВИЖЕЊЕ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ И ЦРВЕНАТА ПОЛУМЕСЕЧИНА, РАБОТЕЈЌИ НА ПЛАНОТ НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПОМОШ И УСЛУГИ НА РАНЛИВОТО НАСЕЛЕНИЕ И ПРОМОВИРАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНОТО ХУМАНИТАРНО ПРАВО И ХУМАНИ ВРЕДНОСТИ.”