Однесувањето и навиките за грижа кон сопственото здравје на една личност се оформуваат уште во раната детска возраст и истите имаат големо влијание врз нејзиниот подоцнежен развој.
Затоа е нужно потребно, здравствената едукација да започне што е можно порано, уште во текот на раното детство. Здравствената едукација е интегрален дел од примарната превенција. Истата се смета дека претставува низа на активности кои им помагаат на партиципиентите да си помогнат самите себеси, за да ја превенираат појавата на можни здравствени проблеми и да ја унапредат состојбата на здравствен и психофизички план.
Проектот има за цел да ја промовира здравствената едукација на децата како важен начин за нивно мотивирање со цел, превземање на поголема одговорност и грижа за сопственото здравје.
Имплементацијата на здравствената едукација во раната детска возраст се смета како нужна, со цел да се превенира можната појава на заболувања во текот на подоцнежниот растеж како: деформитети на рбетниот столб, појава на зголемена телесна тежина, проблеми со видот, заболувања на забите (особено често децата страдаат од кариес), алергии, дијабетес итн. Здравствената едукација ќе треба да им помогне на децата од предшколска возраст да изградат здрави навики кои ќе им помогнат правилно да одлучуваат за поголема физичка активност и да се исхрануваат правилно во текот на секојдневниот живот. Да ги охрабрат децата да воспостават здрави навики кои ќе се задржат во текот на целиот живот, да им се помогне да го разберат концептот за здравје и болест, за причино-последичната врска од нивното однесување, но и да ги охрабрат во развивањето на самодовербата и донесувањето на одлуки и превземањето на соодветни активности во насока на грижа за своето тело и здравје.