ноември 12, 2026

НЕ МОРА СÈ ДА НОСИТЕ САМИ – ЦРВЕНИОТ КРСТ ВОВЕДУВА НОВА УСЛУГА ЗА ПСИХОЛОШКО СОВЕТУВАЊЕ

Грижата за менталното здравје е важен чекор кон поквалитетен живот. Побарајте поддршка, разговарајте и направете нешто добро за себе!

Црвениот крст на Република Северна Македонија наскоро започнува со обезбедување нова услуга за психолошко советување, наменета за сите граѓани на кои им е потребна професионална психолошка поддршка, стручен совет и доверлив простор за разговор.

Секојдневниот живот носи бројни предизвици. Стресот, анксиозноста, личните и семејните проблеми, професионалните оптоварувања, емоционалните тешкотии и животните промени можат да влијаат врз нашата психолошка благосостојба и квалитетот на животот. Во такви моменти, разговорот со стручно лице може да биде значаен чекор кон подобро разбирање на сопствените чувства, полесно справување со предизвиците и пронаоѓање нови начини за надминување на тешкотиите.

Препознавајќи ја потребата од унапредување на грижата за менталното здравје и обезбедување достапна психолошка поддршка, Црвениот крст ја проширува својата понуда на услуги со воспоставување на оваа нова форма на поддршка за граѓаните.

Што опфаќа услугата за психолошко советување?

Услугата ќе овозможи индивидуална психолошка поддршка и советување, со пристап кој ги зема предвид индивидуалните потреби и предизвици на секој корисник.

Во рамките на услугата се предвидени:

Индивидуални психолошки сесии со стручно лице;
Професионална психолошка поддршка и советување;
Поддршка при справување со стрес, анксиозност и емоционални предизвици;
Помош при лични, семејни и професионални потешкотии;
Безбеден и доверлив простор за разговор;
Индивидуален пристап согласно потребите на секој корисник.
Работно време и времетраење на сесиите

Психолошкото советување ќе биде достапно секој работен ден, во периодот од 08:00 до 20:00 часот.

Времетраење на една сесија: 45–60 минути.
Работно време на услугата: понеделник – петок, од 08:00 до 20:00 часот.
Информации и закажување термини

За дополнителни информации и закажување термин, граѓаните ќе можат да го контактираат Црвениот крст на телефонскиот број: +389 72 271 048 секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.

< врати се назад