
Влијанието на исхраната при туберкулоза
ХИГИЕНО-ДИЕТЕТСКИ РЕЖИМ И ЗДРАВ НАЧИН НА ЖИВОТ
Во превенцијата на туберкулозата голема улога игра здравата исхрана и здравиот начин на живот. Исхраната богата со хранливи материи е исто така важна и во третманот на луѓето кои веќе заболеле од туберкулоза затоа што лошата исхранетост придонесува за појава на компликации од болеста.
Со примање на соодветни лекови и со здрава исхрана, која е богата со важните хранливи материи може да се забрза оправувањето и заздравувањето на болниот . Особено важно е лековите за туберкулоза да се земаат редовно, како што е пропишано од лекарот кој го води болниот. Во многу случаи, третманот со лекови самоволно се прекинува во оној момент кога болниот ќе почне да се чувствува подобро. Тоа не смее да се прави затоа што тоа им овозможува на бактериите да останат во организмот и болеста повторно да се појави, дури и во полоша форма.
Исхраната при туберкулоза е многу важна затоа што најголем број на болните се соочуваат со лоша ухранетост. Во првите денови на болеста се намалува апетитот, болните не јадат доволно, што води до намалување на телесната тежина и комплетно намалување на општиот имунитет.

ПРИМЕРИ НА ХРАНА БОГАТА СО ВАЖНИ МИКРОНУТРИТИВНИ ХРАНЛИВИ МАТЕРИИ, ПОТРЕБНИ ЗА БОЛНИТЕ ОД ТУБЕРКУЛОЗА:
Храна богата со витамин Д – оваа храна може да помогне во ублажувањето на симптомите на туберкулозата. Како добар извор се препорачува месото од риба. По препорака на доктор, во определени периоди треба да се прима витамин Д во форма на додаток на храна (таблети,капсули).
Храна богата со витамин Ц – заради големата потрошувачка на витамин Ц во периодите на покачена телесна температура како и во периодите без температура, потребите за внес на витамин Ц кај болни од туберкулоза се зголемени и до 10 пати во однос на здравите луѓе. Добар извор на витамин Ц е сочното овошје (црната рибизла, цитрусните плодови, јаболката, јагодите, вишните) и зеленчук (карфиол, брокула, зелка, домат, пиперка).
Храна богата со железо – кај туберкулозните болни, заради текот на болеста, честа е појавата на анемија. Храната богата со железо ќе придонесе кон подобрување на крвната слика, а со тоа и ублажување на симптомите на болеста. Добар извор на железо се месото, жолчката од јајце, живината, темно зелениот зеленчук, како и оревите и семките.
Храна богата со витамин А – витаминот А е антиоксиданс кој може да го зајакне имуниот систем нарушен при туберкулоза. Добар извор на витамин А се портокаловите растителни плодови како морков и тиква, а од животинските продукти јајцата, месото, млекото и сирењето.
Покрај медикаментозниот третман на болеста и дополнителните препораки за исхрана, на болните им е потребен и соодветен одмор кој треба да го користат после секој земен оброк во чисти и проветрени простории. Истотака, се препорачуваат лесни прошетки во незагадена околина, најдобро во некој шумски комплекс.
Недостатокот на протеини ја намалува способноста на телото да се бори со инфекцијата. Исто така, туберкулозните болни имаат недостаток на многу микронутриенси, неопходни за одржување на функциите во организмот.
По превземените терапевтски мерки или хоспитализација, кај болните бргу се враќа апетитот така што можат да се превземат и хигиено диететските мерки како додаток на антибиотскиот третман.
Соодветна исхрана (т.н “јака храна“, израз познат кај народот за исхрана на болни од туберкулоза) при туберкулоза е неопходна за да го снабди телото со виталните хранливи материи.
Конзумацијата на алкохол мора комплетно да биде запрена за време на болеста зашто може да доведе до влошување на состојбата и понатамошни компликации.
Исхраната при туберкулоза мора да се состои од многу свежо овошје и зеленчук. Важно е исто така да се одржи соодветен внес на калории. Зеленчукот и овошјето, кои се препорачуваат да се конзумираат, треба да вклучат различни продукти како зеленчук богат со диететски влакна, цитрусни (портокал, лимон, грејпфрут) и други сочни овошја, темнозелен листест зеленчук и легуминози.
Исхраната на болните од туберкулоза мора да содржи интегрални житарки и по малку ореви и семки. Млекото и млечните производи, исто така, мора да бидат дел од исхраната. Денес на пазарот има избор на нискомасни и безмасни млечни производи кои треба да бидат користени.
Мрсната и многу зачинетата храна треба да се избегнуваат при туберкулоза.
Целта на правилната исхрана при туберкулоза е да се надополни губитокот на протеини и други хранливи материи што вообичаено се појавува при оваа болест.
Потребно е да се обезбеди богат внес на протеини, како основни хранливи материи кои учествуваат во зајакнувањето на имунолошката моќ на организмот, како и на храна богата со соодветни микронутритивни материи кои имаат специфична улога при ублажувањето на симптомите и при здравувањето од болеста.

БОЛНИТЕ ОД ТУБЕРКУЛОЗА ТРЕБА ДА СЕ ПРИДРЖУВАА КОН СЛЕДНИТЕ ПРЕПОРАКИ ЗА ЗДРАВА ИСХРАНА:
♦ Конзумирање на квалитетна и разновидна храна во оптимална количина која ги обезбедува незаменливите хранливи состојки потребни за организмот без вишок на внес на енергија, масти, сол и шеќер.
Дневно треба да се земаат најмалку 5 оброци. Редовната исхрана го спречува енормниот внес на храна одеднаш (прејадувањето е лошо за овие болни) и овозможува подобро варење и искористување на храната.
♦ Лебот и другите зрнести храни се богати со скроб кој е препорачлив извор на енергија, а исто така содржат и значителна количина на растителни белковини. Богат извор на скроб се и компирите. Дневно да се јаде не повеќе од 250-300 грама леб.
Интегралниот леб и другата интегрална храна значајно придонесуваат кон внесот на витамини, минерални материи и растителни влакна (целулоза и др.).
♦ Секојдневен внес на овошје и зеленчук над 400 грама дневно. Зеленчукот и овошјето се богати со витамини и минерални материи, биоактивни компоненти и растителни влакна. Зеленчукот и овошјето се претпочитуваат сурови, заради тоа што при нивна термичка обработка голем дел од содржината на тие витамини се уништува.
♦ Млекото и млечните производи се важен извор за квалитетни протеини, витамини и лесно искористлив калциум кој му е потребен на организмот.
Се препорачува овие производи да бидат со намалена содржина на масти. Вкупно, за еден ден, треба да се внесе од 600-1000 мл кисели млечни напитоци, како што е јогуртот и слични на него, што е особено добар избор кај овие болни заради благопријатниот ефект врз нивното здравје, особено при високи температури.
♦ Месото, живината, рибата, јајцата, мешункастите и јаткастите плодови се богат извор на белковини и железо. Дневно треба да се јаде од 100-200 грама посно месо, во зависност од видот. Неделно, месото треба да се јаде до 3 пати. Рибата треба да се јаде најмалку 2 пати неделно. Јајцата, тврдо варени, 3-4 пати неделно.
♦ Да не се јаде мрсна храна. Да се одберат производи со помалку масти.
♦ Ограничување на внесот на шеќер, шеќерни и слаткарски производи. Избегнување на конзумирање на пијалоци кои содржат шеќер. Користење на мед, кој содржи биоактивни компоненти. Најдобро да се зема по една лажица мед растворен во свежо цеден сок од лимон разреден со водасекој ден.
♦ Избирање на храна со ниска содржина на сол. Ограничување на внесот на конзервирана храна, колбаси, солена риба, солени туршии и др. Подготвување на храна со малку сол.
♦ Да се пие најмалку литар и пол вода секој ден . Водата е витално неопходна за сите функции во организмот.
♦ На болните од туберкулоза строго им се забранува конзумирање на алкохол и пушење цигари.
♦ Секојдневен одмор и потоа лесни прошетки во околина со чист воздух.
